Стручни лица од владеачката СДСМ направиле апликација поставена на сервисот за апликации на Гугл плеј, со цел прибирање лични податоци податоци и мета дата од телефони на сите што ја симнале аликацијата. Вака обвини денеска Горан Момировски, од тимот на кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова.
Момировски вели дека од „свиркач“ добиле документ коj укажува на сериозно прекршување на изборниот процес и неколку закони со кои се прекршуваат голем број лични прaва на граѓаните на Македонија.
Тој информираше дека по консултацијата со независни ИТ експерти постојат сериозни индиции дека со помош на апликацијата, која се користи од членови на СДСМ, се добива целосен увид во интернет активностите на сите граѓани.
„Преку оваа апликација теренските активисти на СДСМ прибираат и складираат лични податоци на граѓани без нивна дозвола. Овие податоци спротивно на сите позитивни правни прописи се под контрола на партијата на власт и најверојатно се користат за други активности со цел да се влијае на гласањето, но и за други политички цели на власта. Имаме сериозна загриженост дека се злоупотребуваат матични броеви на граѓани, се врши контрола на лични контакти и таканаречена геолокација, односно следење движење на граѓани и на тој начин се вршат тешки злоупотреби во изборниот процес. Им сугерираме на сите граѓани веднаш да ја избришат апликацијата преку која една партија има целосен увид во приватниот живот на граѓани“, изјави Момировски кој апелираше граѓаните да одбијат да разговараат со теренските екипи на СДСМ кои бараат каков било податок.
Со оглед на тоа што овде се работи и за следење на животите на граѓаните и скалдирање на лични податоци, фотографии и видеа на граѓани овој скандал може да се нарече не само „Големо уво“, туку „Големото око“ – истакна тој.
Тимот на Сиљановска информираше дека за ова веќе се информирани сите релевантни институции кои што имаат ингеренции на ова поле – документот бил доставен до Јавното обвинителство, ДИК, Комисијата за заштита на лични податоци, странски институции и организиации и амбасади, ОБСЕ, ОДИХР, МВР оддел за компјутерски криминал, а ќе бидат информирани и други меѓународни организации во Брисел, во САД, европски членки и НАТО.
„Од Јавното обвинителство бараме да преземе итни мерки за спречување на уништување на доказите. ЈО да одреди мерка за забрана на користење на апликацијата. ЈО да направи увид и конфискација на серверот во Социјалдемократскиот сојуз со цел да се утврди фактичката состојба за пишува во овој документ. Постојат индиции дека на серверот спротивно на сите закони се складираат лични податоци на граѓани. Со ова прекршени се правото на приватност, правото на фер изборен процес и правото на заштита на лични податоци“, додаде Момироски.
Поради сензибилноста на случајот, тој рече дека нема да одговара на дополнителни прашања.
Aпликацијата „Избори 2019“ (креатор: КЦ СДМ) е веќе избришана, а беше поставена на Гугл плеј на 28 март.


