Работниците од Еурокомпозит повторно на протест: Бараат крајно решавање на проблемот со компанијата – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/19 3:17 PM

Работниците од Еурокомпозит повторно на протест: Бараат крајно решавање на проблемот со компанијата

Работниците прогласени технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ повторно протестираа во центарот на Прилеп, барајќи крајно да се реши нивниот долгогодишен проблем.

Потсетија на најавите од вицепремиерот Кочо Анѓушев дадени на средбата од 30 март во Прилеп, дека ќе стигне странски инвеститор и ќе почне да се разрешуваат проблемите.

Според Пеце Велјаноски од Инцијативниот одбор, на сто и педесетината работници прогласени за технолошки вишок најважно им е да се реализираат ветувањата, а и да се донесе закон за решавање на исплатата на заостанатите плати, придонеси и отпремини.

„Упатуваме уште еден апел до Владата да се одважи да донесе закон за претворање на побарувањата по основ  на јавни давачки во траен влог во Еурокомпозит, да ги исплати придонесите и заостанатите плати и отпремнините. А кога ќе се продаде фирмата, нека си ги наплати овие средства што е единствен услов за фирмата да продолжи со работа. Не случајно го споменуваме Законот што се донесе за исплата на лозарите за продаденото грозје во приватна компанија. Го потсетуваме премиерот дека јавно при крајот на јануари кажа дека, ако до крајот на февруари не се најде купувач, Владата ќе донесе закон што со три милиони евра ќе се обесштетат вработените. Го повикуваме и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, заедно со пратениците од позицијата и од опозицијата да придонесат овој повеќегодишен проблем конечно да се разреши“, рече Велјаноски.

Цветан Бунтески пак, најави дека работниците утре ќе протестираат во Скопје.

„Денеска имавме средба со генералниот директор на Еурокомпозит. Тој ги повтори истите ветувања што ги имавме со премиерот и вицепремиерот во Прилеп на 30 март. До петокот ни беше ветено дека ќе се исплати отпремнина преку договорот спомнат со странскиот партнер, Но немаме никаква потврда на тоа, ниту верба дека нешто се решава. Утре ќе заминеме на протест во Скопје, па можеби и ќе имаме некоја среќа“, додаде Бунтески.