Кошаркарската федерација ќе ги суспендира клубовите кои не ги исплатиле долговите во предвидениот рок. Оваа одлука денеска ја донесе Управниот одбор на Федерацијата, откако клубовите не ги подмирија долговите, иако им беше дадена можност тоа да го направат на пет рати.
Времетраењето на казната ќе трае до денот кога ќе се исплатат финансиските долгови кон МКФ.
Исто така, федерацијата одлучи да ги суспендира салите „Градски Парк“ и „Кале“ (мала сала) поради неисполнување на стандардите за одигрување на натпревари од прва лига мажи, супер лига, плеј-аут и плеј-оф лига.
Клубовите кои имаат заостанати долгови нема да можат да ги одиграат предвидените натпревари од 2.коло закажани веќе за утре ако во меѓувреме не достават банкарска гаранција за сумата која што ја должат.
Вчера МКФ го известила Работнички дека во Супер лигата нема да може да биде домаќин во салата „Градски Парк“ поради тоа што не ги направил навреме потребните корекции.


