Секој човек во земјава просечно создава по 350 килограми отпад на годишно ниво. Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу илјада во целата држава. Во вкупниот отпад, дури 38.000 тони се пластика, а над 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови да се распадне. Дополнително, индустриските капацитети создаваат токсични отпадни води, кои често не се пренасочени кон пречистителна станица и ја загадуваат почвата и подземните води.
Прашањето за важноста на ефикасното управување со отпадот за квалитетот на животот на граѓаните утре ќе биде тема на дискусија што ја органзира Институтот за комуникациски студии.
Настанот ќе се одржува од 11:15 до 12:15 часот во Амфитеатарот на Машинскиот факултет, каде ќе бидат понудени решенија за несоодветните пракси во земјава, поврзани со придобивките од рециклирање пластика и стакло, искористувањето на топлината од согорување на отпадот и со третирањето на отпадот – од отстранување до спречување на неговото создавање.
Решенијата ќе ги понудат студенти на Машинскиот факултет, под менторство на професорот Даме Димитровски.
Јавната презентација се организира како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, финансирана од Британската амбасада во Скопје.


