Националната опера и балет вечерва пред кумановската публика во Центарот за култура „Трајко Прокопиев” ќе гостува со претставата „Либертанго”. Ова е прв настан што се одржува во центарот за култура во рамки на програмата „Куманово-град на културата”.
„Очекуваме публика, бидејќи и претходно имавме барања за настап на операта и балет. Влезот е слободен“, изјави директорот на центарот за култура, Сашо Тодоровски.
„Либертанго” на Астор Пјацола ja следи приказната за создавањето на тангото, уличниот танц што го достигнува пиедесталот на светската танц сцена.
Режисерка е Наташа Поплавска, а сценографијата и костимографијата на Александар Ношпал, кореографијата е на Сабрина Боско од Италија.
Кумановци ќе имаат можност да го проследат настапот на балетските уметници Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили од Грузија, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и речиси целиот ансамбл на операта и балетот.


