Семејните винарии ќе добијат олеснување во работењето, со измените на Законот за вино – најави од Кавадарци министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Тој нагласи дека законските измени дозволуваат да се воведат нови видови на производи, како органско или ароматизирано вино и многу други продукти согласно на регулативата на ЕУ. Рече дека измените се во процедура, а викендов им беа претставени на лозарите кои имаат сопствени мини винарии.
„Од особен интерес за малите капацитети, за зголемувањето на производството на вино, особено кај оние бутик или семејни винарии, во измените веќе стои дека малите винарии нема да има потреба да вработуваат енолог, туку може и со ангажирање со соодветен договор. Тоа е едно од барањата кои ги прифативме. Кај производителите физички лица, не мора да бидат со соодветно високо образование, како што се бараше досега, туку може да имаат средно земјоделско училиште. Со низа измени ги поттикнуваме производството на физичките лица кои можат да се регистрираат и да продаваат и малите винарии. Ќе се зголеми целокупното производство, извозот, ангажираноста“, рече Николовски и посочи дека ваквите храбри измени на законот биле затоа што земјава располага со одлични потенцијали.
На лозарите кои предале грозје во 2014, 2015 и 2016 години, а не ги добиле парите, средствата ќе им бидат исплатени директно од „Повардарие“, бидејќи, како што нагласи ресорниот министер, тие грозјето го предале во откупни пунктови кои не биле влезени во регистарот на Министерството.
Ангел Данов


