Каратистот Емил Павлов од КК „Штип” и борачот Владимир Егоров од БК „Балканец” од Штип, од Европските првенства се вратија со медали. Павлов го освои бронзениот медал на Европското првенство во карате за сениори во Гладалахара – Шпанија, откако во борбата за третото место го совлада Романецот Флорин Гоголоси.
Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година два пати беше европски шампион, во 2014 година во Тампере – Финска и минатата година во Нови Сад, Србија, а во 2016 година во Монпелје-Франција, освои бронзен медал, ова му е четврти медал од Европските првенства. Со вкупно четири медали – 2 златни и 2 бронзени Павлов е најуспешниот македонски каратист.
Натурализираниот штипјанец Владимир Егоров (57), член на БК „Балканец“ исто така се врати со бронза од Европското првенство за сениори, што се одржа во Букурешт, Романија. Во одлучувачката борба за 3-то место Егоров забележа победа против борачот Дуков од Романија. Македонија со Егоров дојде до европски медал после долга пауза од цели 12 години. Во 2007 година Мурат Рамазанов (60 кг) го освои бронзениот медал на ЕП во Софија, Бугарија.
За двајцата медалисти, градоначалникот на Општината Штип, Благој Бочварски организира прием, на кој во име на Општината, им се заблагодари за тоа што се амбасадори на градот.
-Општина Штип е единствениот град во Република Северна Македонија којшто оваа година има вакви големи успеси и јас верувам дека овие успеси ќе продолжат и понатаму,” рече Бочварски.
Емил Павлов и Владимир Егоров изјавија дека резултатите ќе продолжат и во иднина со што ќе носат радост на Штип и на државата.
Погледнете ја борбата за бронза на Егоров


