Среќен број „седум“ за Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 04/14/19 11:26 AM

Среќен број „седум“ за Македонија

Најдобрите машки ракометни репрезентации на Македонија и Исланд вечерва (20 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје по 18 пат во историјата ќе ги измерат силите, второ нивно соочување во циклусот за ЕУРО 2020. Или ако гледаме подетално седмипат Македонија ќе ги нагости „рибарите“ во едни квалификации за големо натпреварување.

Ако на лошата традиција која ја имавме на гостински терен, крај и ставивме пред четири дена и премиерно се радувавме на островот, денеска е ред, да се продолжи позитивната слика која ја имаат ракометарите кога станува збор за меѓусебните дуели на македонско тло.

Во досегашните седум меча одиграни во Скопје, Македонија има три победи. Последниот 30:25 е во мај 2017 година во квалификациите за ЕП во Скопје. Претходно сме славеле во јуни 2008 година (34:26) во квалификациите за СП, додека првата победа над Исланд ја имаме исто така на домашен терен во септември 1999 (32:29) во квалификациите за ЕП.

Исланд, пак, во Скопје се радувал исто толку пати. Највисоката е онаа од квалификациите за СП во јуни 2002 година кога победиле со 25:30, а последен пат пред македонската публика триумфирале во март 2009 во квалификациите за ЕП, 26:29.

Тимот секако ќе го предводи и нашата голема „седумка“ капитенот Кирил Лазаров, кој е во тимот од првиот дуел со Исланѓаните, а сега преку нив ќе ја води Македонија до првото место во групата три и до сигурен пласман на седмиот настап на еден континентален собир.