Вечер во 20 часот во салата „Борис Трајковски“, машката ракометна репрезентација ќе истрача со две промени во мечот против Исланд во квалификациите на ЕП 2020. На местото на Бојан Маџовски, на левата крилна позиција селекторот Данило Брестовац го постави Димитар Димитриоски, а на десната бековска позиција на местото на Томислав Јагуриновски е повикан Мартин Серафимов.
Промени има и во исландската репрезентација. Селекторот Гудмундур Гудмундсон допатува во Скопје со нови двајца голмани за разлика од мечот во средата во Рејкјавик. На местото на Арон Едвардсон и Бјоргвин Густафсон, доаѓаат тинејџерот Виктор Гисли и Агуст Бјоргвинсон.
Македонија го порази Исланд во средата во Рејкјавик со 34:33 и го презеде водството на табелата во третата група, а со триумф вечерва ќе завери уште едно учество на ЕП во низа.
Билетите за мечот се распродадени од петокот.


