Српската опозиција на нов протест пред Парламентот во Белград – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/19 10:18 AM

Српската опозиција на нов протест пред Парламентот во Белград

Фото: Tanjug/Dimitrije Goll

Пред Парламентот во Белград денеска во 15 часот ќе се одржи протест против актуеланата власт „Сите како еден – Еден од пет милиони“. Лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија апелираа до граѓаните мирно да го изразат своето незадоволство кон „режимот“ на владејачката Српска напредна партија (СНС).

На учесниците во протестот ќе им бидат прочитани барањата на опозицијата и незадоволните граѓани, а од говорницата ќе се обратат опозициските лидери и јавни личности.

Првиот протест против актуелната власт се одржа кон крајот на ноември минатата година во Крушевац поради нападот врз лидерот на Левица на Србија, Борко Стефановиќ и активисти на таа партија, по што следниот собир се одржа на 8 декември во Белград, каде оттогаш се организираат секоја сабота. Протестите се проширија и во други градови и општини ширум Србија и се одржуваат под слоганот „Еден од пет милиони“, кој настана поради изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дадена пред почетокот на собирот дека нема да исполни ниту едно барање дури на улица да излезат и пет милиони луѓе.

Меѓу барањата на опозицијата се ослободување на медиумите, фер и демократски избори, оставки на државниот врв и откривање на извршителот и организаторот на убиството на лидерот на иницијативата СДП, Оливер Ивановиќ.