„Биди срцевина, биди херој“ е мотото на кампањата со чие спроведување денеска почнува Универзитетската Клиника за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ, Медицинскиот факултет и Министерството за здравство. Со оваа кампања, надлежните имаат за цел да ја подигнат свеста за хуманост, да ја промовираат солидарноста и да порачаат дека дарувајќи коскена срцевина, секој да може да спаси човечки живот.
Кампањата ќе биде промовирана во рамките на првата дводневна работилница за трансплантација на коскена срцевина насловена „Идни перспективи и предизвици”, што ќе се одржи денеска на Медицинскиот факултет во Скопје, а на која ќе учествуваат 60 врвни меѓународни експерти од земјава и странство од областа на трансплантацијата на коскена срцевина.
Меѓу учесниците ќе бидат Мохамед Мохти, професор по хематологија и шеф на Одделот за хематологија и клеточна терапија во рамки на болницата „Сен Антуан” при Универзитетот Сорбона во Париз, кој е лидер на работната група за акутни леукемии во рамки на Eвропското здружение за трансплантација на крв и коскена срцевина, Кристина Петерсе, професор по педијатрија на Одделот за стем клеточна трансплантација во рамки на детската болница „Св.Ана” во Виена и главен истражувач во студиите за терапија на леукемија кај педијатриски пациенти во рамки на Eвропското здружение за трансплантација на крв и коскена срцевина, Радован Врховац, шеф на Одделот за трансплантација на коскена срцевина во рамки на Универзитетскиот клинички центар во Загреб и Марјаж Север, кораководител на програмата за трансплантација на Клиниката за хематологија при Универзитетскиот медицински центар во Љубљана.


