Заедничка дружба на деца со аутизам и нивни врсници: За нив обезбедени и персонални асистенти – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/19 4:05 PM

Заедничка дружба на деца со аутизам и нивни врсници: За нив обезбедени и персонални асистенти

Фото: Архива

Децата со аутизам и со попречености денеска во Кавадарци имаа заедничко дружење. Целта е интеграција на децата со аутистичен спектар и децата со посебни потреби во општеството, на еден повисок степен.

Тодор Ефремов, од Здружението кое го реализира проектот „Во мојот свет“ нагласи дека преку овој проект за децата се обезбедени шест персонални асистенти.

„Настанот има за цел да ја подигне јавната свест за тоа дека овие дечиња се дел од општеството. Истовремено, секој да се запраша што е тоа, што може да се направи за нивниот живот да биде подобар во заедницата. Ова е само еден мал чекор кој го направи ова Здружение.  Морам да нагласам дека овој исчекор е направен, овој проект е инициран од родители на деца со аутистичен спектар. Иако проектот трае осум месеци, ќе биде добар показател за и во иднина да се покаже ваква грижа за оваа категорија и инклузија на маргинализираните во општеството, нагласи Ефремов.

Проектот „Во мојот свет“, е финансиран од ЕУ, а го имплементираат УНДП и Здружението „Чекор кон Европа“. Вкупната вредност е 300 илјади денари, а со 25 проценти во финансирањето учествува и општина Кавадарци.

На средбата беа и директорите на училиштата, дефектолозите кои работат со овие деца.  Од дружението „Чекор кон Европа“ најавија дека и во наредниот период ќе се прават напори преку донации и други извори на финансирање да продолжи поддршката на овие деца, а воедно упатија повик и до другите институции да размислат, што е тоа што тие можат да го направат, за подобар живот на децата со аутистичен спектар и со попречености.

 

Ангел Данов