Истражување: Сексизмот и стереотипите и понатаму извор на родова дискриминација на пазарот на труд – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/19 1:32 PM

Истражување: Сексизмот и стереотипите и понатаму извор на родова дискриминација на пазарот на труд

Жена морала да се врати на работа две недели откако станала мајка, за да не го загуби работното место. Друга пак, за истите работни обврски и со исто ниво на образование, заработувала 3000 денари помалку од нејзиниот колега. Нивните примери се само едни од многуте кои ги нотира Реактор, во своето најново истражување посветено на родовата дискриминација на работното место. Истражувањето го вклучува и сведоштвото на друга жена  на која на интервју за работа и’ било кажано дека не  може да ја работи работата бидејќи жените се помалку интелигентни од мажите.

Најновиот извештај на Реактор – истражување во акција е насловен Родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија.

Според наодите кои беа презентирани денеска во Скопје, многу мал број на случаи на родово базирана дискриминација врз жените на пазарот на труд се пријавуваат кај надлежните институции и механизмите достапни за превенција и заштита од дискриминација. Институциите одговорни за справување со родово базираната дискриминација на работно место, пак, немаат податоци за нејзината распространетост. Според интервјуираните испитаници, дискриминацијата врз основа на родот не се пријавува поради недостаток на знаење каде да се обратат, недоверба во институциите, како и долги и скапи процеси за да се докаже дискриминацијата врз жртвите.

Родово базираната дискриминација со која жените се соочуваат на работното место е поттикната од сексизам и родови стереотипи кои сугерираат дека нивната „репродуктивна улога, грижа за деца и лица на кои им е потребна поддршка, и домашната работа” се во конфликт со работната средина бидејќи од страна на работодавците и менаџерите се доживуваат како бариера за кариерен развој и напредок – покажува извештајот.

Бременоста останува ризичен кариерен чекор – жените се честопати принудени да избираат помеѓу имање платена работа, кариера и имањето деца – а оваа одлука понекогаш е условена од нивните работодавачи. Тие се казнети со пониски работни позиции и бариери при унапредувањето, како и пониски плати во споредба со мажите, само затоа што се жени и имаат репродуктивна улога.

Истражувањето е дел од регионалната акција „Унапредување на работничките права на жените”, поддржана од Европската унија и Шведска, и се спроведува во шест земји од регионот (Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Истражувањето е спроведено кон крајот на 2018 година.