До петнаесетти мај годинава е отворен вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за микро, мали и средни претпријатија, кои сакаат да аплицираат за грант, односно кофинансирање на нивна иновација.
На барање на Сојузот на стопански комори, отсега за ваквите грантови ќе може да аплицираат и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес.
Вкупниот износ на средствата на вториот јавен повик е 5 милиони евра, од кои 2 милиони обезбедува Светската банка. Со повикот се обезбедува до 70 проценти кофинансирање за микро и мали односно до 60 проценти за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари. Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа.
Потпретседателката на Сојузот на стопански комори, Габриела Кулебанова вели дека компаниите коишто внеле иновација во работењето имаат значајни резултати во намалување на трошоците, но и зголемување на работата и на профитот:
„Претпријатијата кои се иновативни имаат 15 проценти побрз раст во продажбата отколку неиновативните, осум отсто побрз пораст на продуктивноста и на конкуретноста, како и побрз пораст на платите. Дополнително креирањето на поволен бизнис амбиент за развој на компаниите, во функција на зголемување на конкурентноста, инвестициите, извозот и иновациите се услов за долгорочен економски раст, а со тоа и општествен напредок “.
Заинтересираните компании ќе може да добијат и совети за аплицирање, а ваквата техничка помош Фондот ја обезбедува во Скопје, како и во Тетово, Битола и Струмица, како регионални центри.


