МВР го истражува случајот со спорната изјава на реисот Реџепи – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/19 6:53 PM

МВР го истражува случајот со спорната изјава на реисот Реџепи

Секторот за компјутерски криминал во МВР отвора предмет врз база на  документи за случајот со говор на омраза кај поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, реисот Сулејман Реџепи. МВР ги презема работите во свои раце, по вчерашната пријава што ја поднесе Хелсиншкиот комитет  за ширење говор на омраза и излагање  подбив на македонскиот народ, откако Реџепи го квалификуваше македонскиот како див и непримерен народ без идентитет.

Осуда за говорот на омраза пристигна и од Владата.

„Владата го осудува секој говор на омраза, без разлика дали е искажан на социјални медиуми, на трибини или каде било“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Поостар во реакцијата во врска со говорот на Реџепи, е пратеникот Мухамед Зекири. Тој се огласи на социјалната мрежа Фејсбук каде напиша дека им се чуди на  имамите и членовите на највисоките тела на ИВЗ кои продолжуваат да замижуваат на сето она што, како што пишува, овој „човек” го прави. Зекири ги повика  надлежните институции да продолжат со силна контрола на работата на ИВЗ и останатите верски заедници, додавајќи дека Реџепи мора да одговара за ширење говор на омраза и дека сега на потег е Јавното обвинителство.

Реџепи спорната изјава ја даде за време на церемонијата на поставувањето на камен темелникот на џамијата во скопското село Арнакија, а видеото од својот говор тој го објави во неделата.