Од ЕУ за Вардарскиот регион доделени над 70 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/19 4:33 PM

Од ЕУ за Вардарскиот регион доделени над 70 милиони евра

Невладиниот сектор се соочува со проблем да обезбеди постојано финансирање, бидејќи невладините организации зависат од буџетот на донаторите – изјави денеска во Кавадарци раководителот за соработка при делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини.

Тој нагласи дека се прават напори за надминување на тој проблем со вклучување на централната и локалната власт во кофинансирање на проектите.

Земјоделството, екологијата и туризмот се во фокусот на проектите кои можат да добијат поддршка од Европската Унија.

„Кавадарци е општина во која пред се населението се занимава со земјоделско производство и туризам и има проекти во таа насока. Очекуваме тие проекти да се подобрат и да ги има многу повеќе во иднина. Цело време како најголем приоритет ја нагласуваме и и даваме акцент на заштитата на животната средина, нејзиното чистење. Во таа насока, ќе бидат поддржани голем број на проекти“ вели Бертолини кој во Кавадарци ги советуваше претставниците од општините во Вардарскиот регион за механизмите на финансиска поддршка на ЕУ.

Бертолини нагласи дека од 2007 година  досега околу  75 милиони евра се искористени  од европски фондови во Вардарски регион. Многу проекти се реализирани, но има можности за многу повеќе.

„Собравме информации за потребите на населението од европски проекти. Разговаравме и со градоначалникот Митко Јанчев. Битно е да ги вклучиме и општините, да се обезбеди по едно лице за и понатаму да се информира околу сите можности за искористување на европски фондови, додаде  Бертолини.

Присутните, претставници од неколку општини од регионот, се запознаа со сите видови на програми кои можат да се користат, финансирани од европски фондови.

Ангел Данов