Рио Фердинанд знае како играчите на Јунајтед можат да го запрат Лионел Меси – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/19 3:52 PM

Рио Фердинанд знае како играчите на Јунајтед можат да го запрат Лионел Меси

Манчестер Јунајтед вечерва игра против Барселона на „Олд Трафорд“ во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите.

„Црвените ѓаволи“ ги изненадија сите со пласманот во четвртфиналето бидејќи во осминафиналето веќе беа отпишани во дуелот со ПСЖ. Сепак, екипата на Оле Гунар Солскјер направи огромно изненадување, а навивачите се надеваат дека истото можат да го направат и против Барселона.

На „Театарот на соништата“ најмногу се плашат од Лионел Меси и тоа со прчина бидејќи во минатото им правел многу проблеми. Тоа се однесува на двете финалиња од ЛШ кои ги доби Барса, а по еден гол во двата натпревари постигна Меси.

Поранешниот дефанзивец на Јунајтед, Рио Фердинанд, се огласи пред овој меч и им порача на играчите на клубот од „Олд Трафорд“ како да го запрат Меси. Иако тој немаше добро искуство со Аргентинецот, очигледно научил многу.

„Барса има свој начин на игра и врши притисок кога ја имате топката. Тоа е игра на надмудрување и мораме да бидеме внимателни. Но, се се сведува на тој мал човек Лионел Меси. Не смеат да му дадат премногу простор и мораат секогаш да бидат блиску до него, бидејќи кога е свртен со лице кон голот, тогаш може да биде многу, многу опасен. Сигурен сум дека Солскјер има план за него и се надевам дека ќе успее. Дефанзивците мораат да знаат дека секогаш треба да бидат блиску до него и не смеат да му дадат да дише“, порача Фердинанд.