Јанушев обвинува за изборни прекршувања и незаконски вработувања – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/19 3:15 PM

Јанушев обвинува за изборни прекршувања и незаконски вработувања

Откако Антикорупциската комисија денеска одби осум од девет приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за прекршување на Изборниот законик, генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на прес конференција обвини дека во првата половина од предизборната кампања почнале да се злоупотребуваат државни средства за партиски цели.

Тој посочи дека премиерот Зоран Заев и претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски почнале со закани, насилство и злоупотреби.

„Десет дена изборна кампања, десет дена изборни прекршувања, корупција, незаконски вработувања и користење државни ресурси за партиски цели. Власта наместо да го почитува законот ги злоупотребува институциите и државните ресурси. Ветуваа дека нема да ги злоупотребуваат институциите, а го прават сосема спротивното. Возилата на АВРМ се користат за партиски цели. Видовме од медиумите дека директорката на АВРМ заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, со возило на Агенцијата за вработување беа на партиска трибина во Делчево. Исто така возило на Агенцијата е сликано во Радовиш полно со пропаганден материјал за Пендаровски“, реагираше Јанушев.

„Граѓаните не ги поддржуваат лошите резултати во економијата, распродажбата на државните и национални интереси, криминалот, корупцијата, непотизмот. СДСМ ја зацрни државата во изминативе две години. Република Македонија не смее да продолжи по истиот пат како до сега. Република Македонија нема потреба од нов Зоран Заев. На Република Македонија и треба претседател кој ќе се грижи за нејзините интереси и ќе ги почитува Уставот и законите, таков човек е токму професорката Гордана Силјановска Давкова. Затоа на 21 април и на 5 мај да ја дадеме поддршката за жената која ќе донесе нов пристап во државната политика“, додаде Јанушев.