Англичанец од 100.000 пластични шишиња направи остров – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/19 12:51 PM

Англичанец од 100.000 пластични шишиња направи остров

Експертите велат дека во текот на последните неколку децении луѓето произвеле 6,3 милијарди метрички тони пластичен отпад, од кои само девет отсто се рециклирани. А, на едно пластично шише, на пример, му требаат дури 450 години за да се разгради, поради што се претвора во отровен отпад ако благовремено не се рециклира.

Но, работите што завршуваат во ѓубре, без шанса да се рециклираат, може да послужат како драгоцен ресурс, а пластиката, поради бавната разградливост, е многу издржлив градежен материјал.

Англискиот уметник Ричард Соја на светот му покажа креативен начин на рециклажа на пластичните шишиња – 100.000 претвори во остров што плута, кој се наоѓа во мексиканските води. Освен шишињата, при изработката користел и шперплочи, дрвени пелети и стебла.

На самоодржливиот остров може да се одгледуваат овошје, зеленчук, лековити растенија, од сончеви панели се произведува струја за клима-уредот во куќата, за фирижидерот, тоалетот, шпоретот и другите електрични апарати… По потреба, островот може да се дислоцира – да се одвлече со чамец или ако на самиот остров му се постават едра.