Казна од 2000 евра заработи гостиварскиот потпалувач кој минатиот месец запали стари автобуски и камионски гуми на влезот од Гостивар, при што цел град беше обвиен во густ црн чад.
Пожарот се случи на почетокот од месец март. Потпалувачот како што информираа од Општина Гостивар веќе ја платил казната.
-„Гостиварската општинска администрација е посветена во борбата против загадувањето на животната средина. Во оваа насока, комуналните инспектори и редари вршат редовни контроли и дејствуваат превентивно, а во одредени случаи преземаат и репресивни мерки, односно прекршителите ги казнуваат со глоби согласно позитивните закони. Што се однесува до последниот еклатантен случај при што беа запалени стари гуми од возила во близина на селото Здуње, сторителот беше казнет со парична казна од 123.000,00 денари и истата е платена од негова страна.”, соопшти општина Гостивар.
Локалната власт апелира до субјектите и граѓаните на Гостивар да се грижат за заштита на животната средина и најави дека комуналните инспектори ќе продолжат да бидат активни и да преземаат соодветни мерки против прекршителите.
Вакви потпалувачи на стари гуми, улиња и други запалливи течности има се почесто на полошкото подрачје, но властите ретко ги санкционираат.


