На поранешниот романски претседател Јон Илиеску ќе му се суди поради злосторства против хуманоста и неговата улога во крвавата антикомунистичка револуција во Романија во 1989 година.
Државниот обвинител Аугустин Лазар вчера изјавил дека истрагата е завршена и оти досието од пред 30 години ќе биде поднесено до судот. Тој завршувањето на процесот го нарече „плаќање на долгот на честа и историјата“.
Илиеску е најистакнатата личност на која ќе и’ се суди, заедно со поранешниот заменик-премиер Војкулеску и поранешниот шеф на воздухопловството, Јосиф Рус. Обвиненијата се однесуваат на петдневниот период кога Илиеску ја презеде власта откако Николае Чаушеску избега од Букурешт на 22 декември 1989 година. На Чаушеску и неговата сопруга им се судеше по „кратка постапка“. Беа погубени на 25 декември 1989.


