Утрово на редовната 129 седница на Владата донесена е одлука за преименување на стадионот од „Арена Филип Втори“ во „Национална Арена Тоше Проески“, во чест на личноста која остави траен белег на македонската и регионална современа историја, информираат од владината прес служба.
Шпекулации за промена на името на стадионот се појавија непосредно пред доаѓањето на грчкиот премиер во Скопје, Алексис Ципрас, кога повеќе македонски медиуми ја пренсоа информацијата која не беше официјално потврдена.
Како што неодамна пренесе порталот „Плусинфо“, дека од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП), информирале дека поднеле иницијатива до Владата за преименување на стадионот. Оттаму додаваат дека за тоа како ќе биде преименувана Арената ќе се одлучува на Илинденска.
– АДСДП до Владата на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за потребата од донесување одлука за преименување на Националната Арена Филип II. Оваа иницијатива е во согласност со насоките на Владата да се изврши преглед и ревидирање на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку истиот се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција да се направат соодветни корективни мерки и активности. АД кое ефективно стопанисува со Националната Арена Филип II Mакедонски смета дека овој објект потпаѓа под генеричките поими на „јавните згради и инфраструктура“ и во таа насока сметаме дека постои основа за преиспитување на потребата за промена на името на ваквиот објект – велат за „Плусинфо“ од АДСДП.


