„Витаминка“ со признание за општествена одговорност и промоција на семејните вредности – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/19 2:10 PM

„Витаминка“ со признание за општествена одговорност и промоција на семејните вредности

Воведувањето на скратеното работно време за родителите кои се враќаат од породилно отсуство, на прилепска „Витаминка“  и’ донесе признание за општествена одговорност и промоција на семејните вредности. Признанието од македонската Влада денеска го прими Претседателот на одборот на директори, Симон Наумоски,  кој истакна дека ова, пред сè е заслуга на Генералниот извршен директор и младиот менаџерски тим во компанијата. Тој уште дополни дека во „Витаминка“ се воведуваат и други новини со кои се зголемува задоволството кај вработените и се стимулираат семејните вредности.

-„Витаминка“ е предводник во создавање подобри услови за сопствените вработени. Со последните одлуки и иницијативи, покрај скратеното работно време во период од три месеци за родителите кои се враќаат од породилно отсуство, „Витаминка“ уште воведе и надоместок за трето дете, што претставува уште една мерка со која се подобрува статусот на вработените и се поттикнуваат семејните вредности и успешното родителство“, истакна Наумоски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на доделувањето кажа дека за квалитетен пазар на труд, но и за успешно родителство многу е важно да се прави баланс помеѓу професионалните и приватните обврски. Таа порача оваа иницијатива да биде инспирација и пример за сите останати компании.

Неодамна, компанијата со цел заштита на здравјето на вработените и будење на свеста за рана детекција на ракот на дојка, организираше бесплатни ехо прегледи на дојка како и предавања на истата тема.