Заев: Милошоски направи казниво дело – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/19 2:01 PM

Заев: Милошоски направи казниво дело

Потегот на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски со чкртањето на „Северна“ од името на неговата акредитација од Советот на Европа, за премиерот Зоран Заев е „безобразен“ , со тоа „прави казниво дело“  и испраќа порака до сите да не го почитуваат Уставот. Заев беше прашан да го коментира однесувањето на Милошоски.

– Уставот е светост во секоја земја, така и во нашата земја. Да не си играме играчки со вакви аспекти, заради тоа што за пусти политички поени или себепромовирање, некогаш нанесуваме непоправливи штети, рече Заев и потсети на процесот на уставните измени.

-Нашата земја имаше сериозна, суштествена не така лесна дебата. На крајот Парламентот одлучи Уставот да се промени. Уставот се промени како резултат на Договорот од Преспа, но и како резултат на нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ. Денеска е тоа наша реалност. Не смееме да си играме со важните документи, рече Заев.

Пратеникот Милошоски, кој е во официјалната македонска делегација на Парламентарното Собрание на Советот на Европа на Твитер објави фотографија од својата акредитација, каде го пречкртал зборот „Северна“ од името на државата. Во образложението додава дека Македонија е уставното име на нашата земја и при тоа упати порака: „Искористи ја за таа цел секоја можност, секоја акредитација, секој потпис и обележје, дома и во странство, во име на правото на самоопределување и достоинството на секој Македонец“, напиша Милошоски.