Бугарија ги засили граничните патроли за заштита од мигранти – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/19 8:59 AM

Бугарија ги засили граничните патроли за заштита од мигранти

Бугарија ги засили граничните патроли и е подготвена да го спроведе планот за кризен менаџмент, откако над 1.000 мигранти тргнаа од кампот Диавата во близината на Солун кон грчко-македонската граница, информирал бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов пред Националното собрание во Софија.

Маринов пред Парламентот кажал дека мигрантскиот притисок од Грција значително се зголемува и изнел податоци дека во 2018 и првиот квартал од 2019 година бројот на мигранти се зголемил за шест пати во однос на 2017 година. Најголем дел од мигрантите, околу 41 птсто се од Авганистан, а 30 отсто од Ирак, пишува „Софија Глоуб“.

Маринов информирал дека испратиле дополнителна опрема на границата, вклучувајќи термални камери, ноќни визири, опрема за видео мониторинг и мобилни патроли со цел да можат брзо да ги пресретнат обидите за преминување на границата, но и брзо да комуницираат со грчките власти за да ги спречат обидите за нелегално минување на бугарска територија.

Бугарското Министерство за внатрешни работи, како што кажал тој, добило информации дека мигрантите од кампот Диавата ќе се обидат д атргнат кон Северна Македонија, но од бугарска страна се преземени неопходни мерки и се контактира со соседните земји.

Мигрантите го напуштија кампот во обид да се пробијат до македонската граница откако лажни вести се прошириле на социјалните мрежи дека ќе се отвори балканската рута, но се судрија со грчката полиција.

Во Грција има над 70.000 мигранти кои се таму уште од 2016 година, отккао ЕУ и Турција постигнаа договор за запирање на мигрантскиот бран.