ФОТОГАЛЕРИЈА: Под маски 1.524 дечиња на првиот детски карневал во Радовиш – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/19 3:55 PM

ФОТОГАЛЕРИЈА: Под маски 1.524 дечиња на првиот детски карневал во Радовиш

 

Педесетина групни маски и 1.524 деца, најмногу од основните училишта и градинките во општината Радовиш, учествуваа на првиот детски карневал во Радовиш што денеска се одржа под мотото „Да се облечеме во боите на виножитото“. Учествуваа и карневалски групи од Струмица, Пробиштип и од Прилеп.

Илјадници радовишани излегоа на улиците да ги видат убавите маски на дечињата. Манифестацијата, чиј организатор, со поддршка на локалната самоуправа, е радовишкиот Центар за култура „Ацо Караманов“, почна пред општинската зграда, каде што градоначалникот Герасим Конзулов им го предаде клучот на градот на карневалистите, продолжи со дефиле по улиците на градот, па со претставување на сите групни маски пред Центарот за култура и со забава на градскиот плоштад Св. Спасо Радовишки. Утре напладне на заедничка забава ќе им бидат доделени наградите на најдобрите.

Првиот детски карневал во Радовиш се организира во рамките на годинашниот јубилеј 1000 години од првото пишано споменување на Радовиш во историските документи – во грамотата на византискиот император Василиј Втори. Се планира да биде традиционален и да се одржува секоја година, а Центарот за култура аплицирал за зачленување во Федерацијата на европските карневалски градови. Соседната Струмица веќе има афирмиран карневал, а сега, но со детски карневал, се приклучува и Радовиш.