Министерот за здравство, Венко Филипче денеска ги отфрли како што рече, шпекулациите за затворање на Општата болница во Кавадарци. Најави дека ќе се работи на јавно приватно партнерство по нови модели, согласно искуствата од развиените држави, но само за неискористениот дел од болницата. Филипче, кој присуствуваше на одбележувањето на Седми април, Светскиот ден на здравјето во Болницата во Кавадарци, кажа и дека оваа Болница ќе добие уште едно возило за итна помош.
„Прочитав шпекулации дека имало идеја да се затвори кавадаречката Општа болница со проширена дејност. Искрено да ви кажам, тоа не е точно. Напротив, ќе продолжиме, како до сега, така и преку новите модели на приватно јавно партнерство, сите институции да ги унапредуваме. Влез и отворен пат за приватен капитал во нашите болници, не значи затворање. Напротив, значи унапредување на условите за лекување на сите наши пациенти, но и за платите и придонесите на здравствените работници. Согласно на искуствата од развиените европски земји“ , рече министерот.
Тој говореше и за постигнатите резултати досега во трансформирањето на Болницата во Кавадарци во регионален центар. Рече дека наскоро ќе се работи и на изведба на просториите каде ќе се смести единствениот центар за палијативна нега во земјава. Кажа дека досега се дадени согласности за нови 45 вработувања во оваа Болница.
Директорот на Болницата, д-р Диме Коцев ја оцени минатата година за најуспешна во 30 годишното работење на оваа здравствена установа. Говореше за сработеното, а нагласи и дека во наредниот период ќе се инсталираат апарати за подобра здравствена услуга на граѓаните.
Во салата на Болницата, беа доделени и јубилејни признанија на работници за 20 годишен стаж и пензионирање.
Ангел Данов


