Еден од најдобрите играчи во поновата кошаркарска историја, Винс Картер, нема план да стави крај на својата богата кариера и покрај тоа што е најстариот кошаркар во НБА лигата.
Картер, кој во јануари наполни 42 години, оваа сезона ги брани боите за тимот на Атланта Хоукс, а се надева дека налето ќе добие нова понуда и ќе ја продолжи својата ера во НБА.
„Сакам да играм уште една сезона во НБА. Се надевам дека некој тим ќе биде заинтересиран за моите услуги. Ќе се подготвувам напорно како и секое лето и ќе чекам на повик. Сакам уште да бидам дел од оваа игра“, вели Картер.
Летечкиот Картер својата кошаркарска слава ја имаше во редовите на Торонто Репторс, каде настапуваше од 1998 до 2004 година, за потоа пет години да го носи дресот на Нетси.


