Шумската полиција ќе се обучува за заштита на шумите во кавадаречко училиште – ММС
ММС

Објавено на: 04/4/19 6:12 PM

Шумската полиција ќе се обучува за заштита на шумите во кавадаречко училиште

Во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ во Кавадарци ќе се обучува шумската полиција за унапредување на шумскиот фонд во земјава. За таа цел министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски потпиша меморандум за соработка со директорот на ова средно стручно училиште во Кавадарци.

Преку подготовка и стручна обука на сегашните и идните припадници на шумската полиција, од МЗШВ велат дека ефикасно ќе се спроведуваат мерките во делот на заштита на шумите.

„Овој Меморандум предвидува обуки на вработените од Шумската полиција,  размена на искуства и активности во секој поглед помеѓу МЗШВ особено секторот за Шумска полиција и ова училиште.Во следниот период планираме засилена соработка со училиштето во поглед на секторот шуми и шумската полиција. Ние како ресорно министерство во изминатиот период инициравме доста активности кои се однесуваат на шумската полиција, во претходниот период започнаа со работа работните групи за дефинирање на колективниот договор , активно работиме на набавка на опрема за шумска полиција вклучувајќи и набавка на униформи и целосно сме посветени на опремување на шумските станици и подигнување на статусот на овој сектор“, изјави министерот Николовски.

При тоа Николовски посочи дека во изминатиот период работни групи од МЗШВ ги посетија сите стручни земјоделски училишта во државата при што е констатирано дека изминатите години  не добиле доволно помош, поради што сега ќе им се овозможат мерки за финансиска поддршка преку Програмата за рурален развој 2019 во делот на инфраструктурата, опрема, опитни полиња и се што им е потребно.

Директорот на на средното земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, Горан Велковски, изјави дека со овој Меморандум се овозможува создавање и усовршување на стручниот кадар кој ќе може соодтвено да одговори на задачите а со цел заштита на шумскиот фонд.

Ангел Данов