Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари пак во вербална војна со централната власт. Овој пат за промена на директорските места во училиштата, кои се случија откако Министерството за образование и наука по втор пат му ги одзеде ингеренциите на Таравари во областа на образованието.
Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари реагираше на именувањето на Џези Камбери за директор на гимназијата во Гостивар, и Тони Ефремоски за директор во економското училиште од страна на Министерството за образование и наука. Според него овој потег на министерството е срамен и безличен.
„Ниту во времето на Тито, ниту за време на Груевски, директорите не се менуваа, ниту се именуваа за време на кампања или за време избори. Каква срамота и безличност!“, реагираше Таравари.
Од Министерството за образование му одговорија дека постапиле законски, и потенцираа Таравари да не ја меша политиката во образованието.
„Министерството за образование и наука согласно преземените ингеренции од општина Гостивар и почитувајќи и постапувајќи по одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со која се усвојува жалбата на незаконски разрешен директор, донесе решение за враќање на работната позиција. Министерството е должно да ги почитува одлуките на Државната комисија. Уште еднаш апелираме до градоначалникот и до општина Гостивар да не обвинуваат паушално и лажно само заради нивните политички цели и да не ја вклучуваат политиката во воспитно-образовниот процес, бидејќи во оваа ситуација штета се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес“, одговорија од Министерството.
На градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари откако стапна на оваа функција по втор пат му се одземаат ингеренциите во областа на образованието, како што тврдат од соодветнот министерство поради нерегуларности.


