77 милиони денари денеска легнаа на сметките на 2048 лозарски семејства од Тиквешијата за грозјето од 2015 и 2016 година, кое не им беше платено од винарските визби „Повардарие“ и „Стефани“. Исплатата денеска во Кавадарци ја потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николвоски, кој одговарајќи на нашето прашање дали исплатата не е во судир со изборната кампања, нагласи дека се работи за обесштетување кон лозарите, за кое владата има донесено одлука пред распишување на изборите.
„Ова е пример како во еден партнерски однос, заеднички, сите засегнати страни имаат волја и енергија, време, да се посветат на овие проблеми и проблемите на сите граѓани, кои се наследени, да се решаваат. Тоа е функцијата на Владата и сите нас“ , изјави Николовски и посочи дека стратешка гранка за земјава е лозарството, а тоа го покажувале и статистичките бројки од институциите.
Информира дека има зголемување на извозот на флаширано вино. Само во 2018 година за 5 милиони повеќе.
„Агенцијата, од кога сме ние на власт, овие две години да навремено стигаат субвенциите до корисниците на субвенции и тоа не селективно во еден ден за секоја мерка. Според програмата на агенцијата прво се исплаќаат основните мерки, во меѓу време додека тече таа исплата, бидејќи тоа се премети претходно сработени оди обработката на податоците на дополнителните, интервентните мерки, и затоа и почитувајќи го изборниот процес ние исплаќаме се што е основно“ рече директорот на платежната агенција, Николче Бабовски.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев кој претходно беше вклучен во процесот на изнаоѓање начин да се исплатат лозарите, рече дека со денешната исплата е исправена една неправда кон лозарите.
„Се исправи една неправда каде 200 семејства очајно ги чекаа тие средства, на некој начин беа изморени од чекањето. Се надеваме дека во иднина нема да се случуваат вакви натрпуани долгови ви нема да се откупува без да се плати. Парите кои сега ги земаат, лозарите претходно ги имаат потрошено во некоја инвестиција“, рече Јанчев.
Лозарите долго чекаа на овие пари. Им беше ветено дека ќе ги добијат до крајот на февруари, но тоа се случи сега, со задоцнување од еден месец. Ветените доплонителни субвенции од 1 денар по килограм предадено грозје во домашни винарии, министерот рече дека ќе се исплатат по завршување на изборите.
Ангел Данов


