За најмалку 20 проценти да се намали сумата што домаќинствата во земјава ја плаќаат за приклучок за електрична енергија. Цената да биде пониска и за компаниите. Ова е еден од предлозите кои Електродистрибуција Скопје ги вклучи во новите мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија.
Предлозите вчера ги разгледуваше Регулаторната комисија за енергетика, чиј претседател Марко Бислимовски вели дека според ова, ако досега домаќинствата плаќаа околу 500 евра за приклучок, отсега со новите правила би плаќале околу 400 евра:
„Ова се должи пред се’ на зголемувањето на ефикасноста на работа на Електродистрибуција и на намалувањето на нивните трошоци за набавка на опрема која би се користела за изградба на овие приклучоци. Сето ова не става во добра ситуација, трошоците за приклучок на домаќинствата да се намалат најмалку 20 проценти, а исто така ќе има соодветно намалување и на трошоците за приклучување на останатите видови потрошувачи“.
Со мрежните правила за дистрибуција, операторот на дистрибутивниот систем ќе биде обрзан да формира дата на податоци за квалитетот на испорака на електрична енергија. Со ова, ќе може да се мери квалитетот на испорачана електрична енергија и врз основа на тоа да се прави дополнителен притисок врз операторот на дистрибутивниот систем да го подобрува квалитетот на испорачана електрична енергија – сметаат од надлежната Комисија.


