Владата да најде механизми со кои на граѓаните приклучени на парно греење ќе им овозможи да постават калориметри – предлага Регулаторната комисија за енергетика. Оттаму велат дека освен Владата, и Град Скопје но и Операторот на дистрибутивниот систем за топлинска енергија треба да најдат начин со кој на овие граѓани ќе им овозможат поставувањето на калориметрите да го плаќаат на рати.
„РКЕ останува на ставот кај приклучените потрошувачи да започнат да се поставуваат соодветни уреди односно калолиметри. Притоа ги повикуваме операторот на дистрибутивниот систем, Владата и Градот Скопје да изнајдат соодветни механизми, овие трошици за приклучените потрошувачи да се намалат делумно или да им се овозможи да го платат трошокот на рати. Очекуваме дека тој што ќе набави поголеми количини калолиметри. ќе даде можност овој трошок да се подели најмалку на 12 рати“, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Тој потсети дека сметките за топлинска енергија од први август ќе бидат со нов начин на пресметка:
„Од први август од новите сметки кога ќе доаѓаат, ќе имаме нов начин на пресметка на испорачаната топлинска енергија бидејќи досега токму од приклучените потрошувачи имавме поплаки за тоа како им се презентираат сметките преку таканаречената ангажирана топлинска моќност. Очекуваме дека со новиот тарифен систем ќе бидат сметките поедноставни и поразбирливи за сите потрошувачи“.
Граѓаните пак, кои ќе сакаат да го исклучат парното греење ќе треба да докажат дека истото е помалку ефикасно од новиот начин на греење за кој би се одлучиле. Освен тоа, тие ќе треба да побараат и дозвола од 50 проценти плус еден граѓанин од станарите што живеат во зградата.


