Премиерот Бојко Борисов информираше дека разговарал со македонскиот колега Зоран Заев за несреќата со малиот приватен авион, во кој го згина бугарско семејство,пишува, dnes.bg
Борисов вели дека властите во Македонија прават сé што е можно да одат на местото на катастрофата. Според него, теренот е непристапен,но властите се подготвени ако има потреба да пратат и бугарски хеликоптер.
Како што објавува dnes.bg, се појавија и првите верзии за трагедијата ,зошто се урнал авионот кај Скопје во кого загина четиричленото семејство од Бугарија?
Главниот асистент за безбедност во лет на Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров коментирал оти ниту една верзија не може да се исклучи од сценариото. Според неговите зборови, во вакви ситуации се истражуваат пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови.
– Забрането е да се оди во такви облаци во овој тип на авиони. Облаци кои имаат силна турбуленција со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, протокот е толку голем што може да доведе до колапс на авионот и уништување во воздухот – објаснил Петров.
Тој додал оти Георги Бошнаков имал аматерска лиценца за да пилотира мали авиони, кои му дозволуваат да го вози семејството.
Според експертот за авијација, Ангел Борисов, местото на несреќата е многу тешко за летање. Теренот, според него, е многу опасен и не треба да се излегува од маршрутата. Експертот смета оти покрај лошото време, можно е да се работи и за пилотска грешка. Може да станува збор, вели, и за откажување на моторот.
Борисов смета оти можеби пилотот ја потценил ситуацијата.
Георги Бошнаков, кој со сопругата и двете ќерки загина вчера откако „цесната“ со која летале од Охрид за Софија падна кај Солунска Глава, бил поранешен шеф на одделот за „Имплементација и одржување на информатики и технологии“ во рамки на бугарската Агенција за регистрација, информираат бугарските медиуми.
Потоа започнал приватен бизнис и во моментот имал компанија за рециклирање на отпадоци.
Сопругата на Бошнаков,адвокатката Калина Корнажева Бошнакова, е од познато адвокатско семејство во Бугарија, пишува бугарски Блиц.
Калина Корнажева имаше 47 години и загина заедно со своите две ќерки Гергана (14) и Билјана(18) години.


