Активирање на член 1 од Договорот од Преспа и формирање посебен комитет со кој ќе се решаваат сите отворени прашања, вклучително и оние за трговските марки најави грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„30 години имаше конфузија меѓу претприемачите и потрошувачите. Договорот од Преспа е јасен и тој е платформа за дијалог за потеклото на стоките, трговските марки и знаците“, рече Ципрас на Бизнис форумот на македонските и грчките компании во Скопје.
Тој кажа дека треба да се искористат сите иницијативи за соработка, како што се кинеската иницијатива, иницијативата 16+1, берлинскиот процес, интересот на САД за инвестирање во обновливи енергии, како и продлабочување на соработката со Русија. Ципрас повтори дека со договорот се избегнува двојното одданочување, што досега не беше можно.


