Вреќи со мртви кучиња расфрлани во старата кумановска касарна – ММС
ММС

Објавено на: 04/2/19 2:02 PM

Вреќи со мртви кучиња расфрлани во старата кумановска касарна

Случајни минувачи утрово во напуштената кумановска касарна биле затекнати и згрозени од сликите што ги виделе.Вреќи со мртви кучиња биле расфрлани а се ширела и неподнослива смрдеа.

Како што соопштуваат од здружението „Анима мунди“ на нивната Фејсбук страница, за случајот е известена и полицијата. Тие претпоставуваат дека кучињата се убиени, и тоа од стручни лица, бидејќи имале канили во вените.

„Кучиња во вреќи и некои надвор од вреќите, собрани на куп. Куче кое делува дека барем кусо време било живо и се извлекло од вреќата, за потоа да умре. Кучиња со вкочанети вилици кои укажуваат на насилна смрт, со канили во вените, што укажува дека интервенирал ветеринар. Вреќи полни ѓубре, медицинска опрема и некакви ќебиња и јоргани, кои не ги отвораме, за да користат како материјален доказ за итна полициска истрага. Нема зборови кои се потребни да се дополни овој толку монструозен чин“, пишуваат од Здружението.

 Од Анима мунди ие бараат од надлежните под итно да ги најдат и најостро да ги казнат сторителите, кои ги фрлиле мртвите животни на тоа  место, каде нема речиси никаква фреквенција на луѓе.

Од СВР Куманово информираат дека нивна екипа е испратена на терен и оти се уште трае увидот.

Од Секторот за инспекциски надзор во општина Куманово велат дека веќе биле на местото на настанот и оти таму имало шест мртви кучиња.

– За настанот е информирана и Агенцијата за храна и ветеринарство, изјави Гордан Таневски од Секторот за инспекциски надзор.