Жена од Кичево загина во сообраќајка на автопатот Гостивар – Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 04/2/19 10:04 AM

Жена од Кичево загина во сообраќајка на автопатот Гостивар – Тетово

Во судар на две возила на наплатна рампа на автопатот Тетово – Гостивар изутрината загина 51-годишна жена од Кичево, информираше Секторот за внатрешни работи – Тетово. Несреќата се случила  околу 6.45 часот.

-На самата наплатна станица што е во близина на Тетово помеѓу две кабини се случи сообраќајната несреќа со две возила. „Мерцедес” со охридски таблички управуван од 51-годишна жена жителка на Кичево и „фолксваген туарег” со дебарски таблички управуван од 37-годишен жител на градот. Поради сударот, на местото животот го изгубила жената од Кичево која била сама во возилото, изјави  Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Фото: ТВ Алсат М

Возачот на другото возило, како и тројцата сопатници на возраст од 32, 36 и 62 години добиле различни телесни повреди и се пренесени во тетовската клиничка болница.

-Поради тежината на повредите сите се задржани за болничка опсервација, рече Јосифовски.

Увид на местото направиле службеници на СВР Тетово и јавното обвинителство. По наредба на јавен обвинител, телото на жената е предадено за обдукција. Полицијата почна истрага за утврдување на причините за сообраќајката