Апарат за скрининг (рано откривање) на дијабетична ретинопатија, која претставува оштетување на ретината на окото како компликација од дијабетес, доби Центарот за дијабетес при Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички процеси. Апаратот е донација од Интернационалната федерација за дијабетес.
Директорката на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички процеси, Саша Јовановска Мишевска на денешната промоција на апаратот истакна дека генерално со дијабетес тип 2 во државава има околу 160.000 пациенти и ако на светско ниво еден од четири пациенти после десет години развие дијабетична ретинопатија, нивниот број е фрапантен.
Таа рече дека се препорачува скринингот за дијабетична ретинопатија да се направи најрано пет години по дијагностицирањето на дијабетес тип 2 и доколку тој преглед е во ред, наредниот преглед би требало да биде најрано за една година. Изрази задоволство од донацијата, бидејќи како што посочи, имаат можност да се вклучат во едно меѓународно семејство на специјалисти кои се грижат за пациентите со дијабетес тип 2.
Потенцира дека ќе имаат можност да воспостават една добра база на податоци за сите пациенти и за тоа каква е состојбата со нивните очи, со цел да ја спречат појавата на слепило кај нив. Оваа дијабетична ретинопатија како компликација од дијабетесот, појасни, најлесно може да се спречи со ран скрининг.
– Токму овој апарат ќе ни послужи за ран скрининг на пациентите, а со самото тоа што сме и во Интернационалната федерација за дијабетес ќе бидеме дел и од нивната голема дата база на податоци и ќе имаме многу релеватни податоци за тоа каква е состојбата со дијабетичната ретинопатија во нашата земја, додаде Јовановска Мишевска.


