Вчеравечер и официјално беше отворен шоурумот „Обединета мода“, со што се означи почетокот на деветнаесеттото издание од најголемиот моден настан во метрополата. Гостите имаа ексклузивна можност одблизу да се запознаат со работата на 28 европски дизајнери и брендови.

При свеченото отворање на 19-то издание на Моден Викенд Скопје, дел нивните креации се преселија од закачалките на модната писта, во склоп на заедничкиот перформанс што ги обедини нивните различни естетски визии за сезоната есен-зима 2018-2019.

Програмата на првиот ден ја заокружи новата колекција „Prénda“ на познатата косовска дизајнерка Јилка Брада, чијашто муза е божицата на љубовта и убавината, есенцијата на секоја жена што некогаш чекорела, или, пак, ќе зачекори на планетата Земја.

Модните парчиња во колекцијата „Prénda“ ги слават аспектите кои ја прават секоја жена божица на убавината и љубовта.

Паралелно со споменатите ревиски случувања, своевиден празник за сетилата претставуваше и модната изложба придружена со филм од концептуалната платформа за европски дизајн „Иван Асен 22“, која по успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, конечно стигна и во нашата земја.


