Романија ѝ забрани излез од земјата на обвинителката Лаура Ковеси – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/19 5:50 PM

Романија ѝ забрани излез од земјата на обвинителката Лаура Ковеси

Лаура Кордута Ковеси, поранешната специјална обвинителка во Романија и една од најголемите фаворитки за функцијата главен обвинител на Европската Унија, доби забрана за излез од земјата откако државата отвори истрага против неа поради наводна корупција.

45-годишната Ковеси, која е кандидат на Европскиот Парламент за новосоздаденото Европско јавно обвинителство е обвинета за злоупотреба на службената должност, примање мито и лажно сведочење. На неа и е забрането да ја напушта земјата, или да се појавува во медиуми. Според Балкан Инсајд, таа денес била сослушана во полициска станица во Букурешт.

„Ова е мерка со која сакаат да ме замолчат, да не малтретираат сите нас од судскиот систем кои ја работиме нашата работа. Веројатно некои луѓе се толку очајни што можам да ја добијам оваа функција што не ми е дозволено ниту да зборувам за медиумите“, рекла Ковеси.

Потегот веројатно ќе допринесе за дополнително нарушување на односите меѓу ЕУ и Романија, која во моментов претседава со Унијата.

Кандидатурата на Ковеси за водечката обвинителска позиција во ЕУ е оспорена од романската влада која ја предводат социјалдемократите. Минатата година таа контроверзно беше отстранета од највисоката функција во Директоратот за антикорупција во Романија, каде се наоѓаше пет години.

За тој период Ковеси помогна во процесите во кои беа осудени високи романски функционери, меѓу кои и лидерот на социјалдемократите Ливиу Драгнеа. Иако беше најмоќниот романски политичар, Драгнеа беше осуден за местење избори и корупција.

Од Европската Комисија, иако не го коментираа процесот кој се води против Ковеси, тие побараа Романија да не ја попречува нејзината кандидатура за европски обвинител.

„Клучно е кандидатите да бидат третирани на фер начин во овој процес, затоа Европската Комисија ја повикува романската Влада и власти целосно да го почитуваат принципот на чесна соработка во процедурата на селекција на европски обвинител, сите кандидати треба да бидат во можност непречено да учествуваат во сите етапи на процедурата“, изјави Маргаритис Шинас, портпарол на ЕК.

преземено-radio MOF