Охриѓани со транспаренти за Алипашината џамија го пречекаа премиерот Заев – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/19 3:28 PM

Охриѓани со транспаренти за Алипашината џамија го пречекаа премиерот Заев

Група граѓани од граѓанското здружение ,,Совест“ кои речиси две години водат битка против намерата за изградба на 32 метри високо минаре на Алипашината џамија го пречекаа премиерот Зоран Заев во Охрид со транспаренти, на кои пишуваше жолта лента-државен градежен инспекторат за заедничка иднина. Тие бараат да се стопира изградбата на минарето кое деновиве се одвива со одредена динамика. Премиерот Заев рече дека изградбата е прекината и дека за ова прашање, решение ќе се бара по изборите.

„Точно е дека постои конзерваторско решение за конзервација како што е точно дека нема одобрение за градба. Одлучивме, сензитивен е периодот, доаѓаат избори. Охрид е пример за соживот. За ова прашање на заеднички состанок по 5 мај ќе седнеме во Владата и ќе го изнајдеме решението. Законите мора да се почитуваат но и да ги согледаме сите други околности. Апелирам до Охриѓани и до сите граѓани  со меѓусебна почит и разбирање да продолжиме во рамките на законот и во рамките на соживотот и во рамките на нашата меѓурелигиска разноликост која е богатство на нашата земја, да го изнајдеме начинот за решавање на овој проблем“, рече Заев.

Заев рече дека постојано се надгледува состојбата на терен, дали се почитува договорот за прекин на градбата.

Инаку спроед ,,Совест“ изградбата на 32 метри високото минаре ќе ја наруши визурта и изгледот на Охрид.

 

Мики Трајковски