Во Лозово ќе се гради кафилерија, мршите веќе нема да завршуваат на депонии – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/19 9:11 AM

Во Лозово ќе се гради кафилерија, мршите веќе нема да завршуваат на депонии

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува изградба на кафилерија. Фабриката во која ќе се преработуваат нус-производите од животинско потекло ќе биде лоцирана во Општина Лозово и се очекува да профункционира во 2021 година.

Како што вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, средствата, околу 9,5 милиони евра, се веќе обезбедени, а ќе бидат достапни од 2020 година.

Фабриката на почеток ќе произведува високоеенергетски масла, но идејата е, по две до три години да почне и со продукција на биопротеини.

-Активноста е во тек. Одредeна е локацијата, обезбедени се и финансиските средства. Дел ќе дојдат преку европските ИПА фондови, а дел преку заем од Светска банка. Договорот со Светска банка треба да се потпише во јуни годинава. Потоа ќе се пристапи кон формирање јавно претпријатие. Во меѓувреме, АХВ ќе почне со прибирање на потребната документација за изградба на фабриката. Планирано е во февруари 2020 година средствата да бидат достапни и тогаш, практично, да почне изградбата, објасни Атанасов.

Освен изградба на фабрика, проектот предвидува и набавка на специјализирани возила и машини.

-Досега нус-производите завршуваа на депонии. Тоа дополнително ја загадуваше средината, а и сопствениците на животни се мачеа, копаа јами, дупки. Сега, едноставно, ќе пријават до службите, тие ќе дојдат и ќе ги земат пцовисаните грла или нус-производите од фармата. Се работи за коски, внатрешни органи од кланици, расипани производи од месо, млеко, мрши,… кои може да се искористат и да се претворат во нешто што ќе има вредност. Засега е планирано од нус-производите да се добиваат високоеенергетски масла кои ќе се искористат за добивање енергија. Нашата цел како Агенција е да го запазиме еколошкиот дел и да стекнеме увид во состојбата со болестите. Затоа и инсистираме на воспоставување ваков систем – собирање, дистрибуција, преработка и искористување, потенцира директорот.

Наместо да им плаќаат на депониите за уништување на нус-производите и мршите како сега, економските оператори кога ќе почне да работи кафилеријата, всушност ќе добиваат пари – одредена сума за килограм нус-производ од јавното претпријатие кое ќе биде должно да дојде и да ги преземе остатоците од расипаните производи или изумрените животни. Од друга страна, со патолошкото секцирање на мршите ќе се утврди кои болести во кои региони ги има и врз основа на тие податоци АХВ ќе ги развива програмите за здравствена заштита на животните.

Според Атанасов, годишно во земјава се „создаваат” околу 15.000 – 20.000 тони нус-производи.

-При преработката на мршите и нус-производите ќе се добива суровина биопротеин со околу 65 отсто протеини. Биопротеините се барана суровина на светскиот пазар и имаат висока цена, дополни директорот.

Информацијата за изградба на кафилерија во земјава синоќа беше ставена на дневен ред и разгледана од Владата. Министерството за финансии веќе дало согласност за потребните субвенции од околу 630.000 евра годишно за прибирање на мршите со специјализираните возила.

За целосно заокружување на проектот со кафилеријата, во процедура е и донесување нов закон за нус-производи. Предлог-текстот, информира директорот, е поставен на ЕНЕР.

Македонската кафилерија има можност да прерасне во регионална ако се земе предвид дека најблиску ваква фабрика има во источниот дел на Бугарија, а тоа, според тамошните служби, им е далеку за транспорт на некои од бугарските оператори. Кафилерија нема во северниот дел на Грција, а на Косово постои само акцелератор за спалување.