Фазлиу: Измените во Законот за медиуми не им овозможуваат транспарентност на општините – ММС
ММС

Објавено на: 03/28/19 3:00 PM

Фазлиу: Измените во Законот за медиуми не им овозможуваат транспарентност на општините

Општините се соочуваат со потешкотии за да обезбедат транспарентност за своето работење, особено со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) што беа донесени на почетокот на оваа година, поради што неопходно е да се бара соодветно решение.

Таква е оценката на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој при посетата на Кочани рече дека се работи за прашање што заслужува внимание и за кое ќе побара мислење и од другите владини органи.

– Очекувам за измените во Законот, а што директно се однесуваат на транспарентното работење на општините, да поразговараме и на седница на Влада, но и во директна меѓусебна комуникација со другите министри. Ова не е проблем на медиумите, туку на локалните самоуправи и на граѓаните, како крајни корисници, кои треба да бидат добро информирани за услугите од општинската администрација. Дел од измените воопшто не се во духот на транспарентноста за која се залагаме, поради што Министерството за локална самоуправа дава поддршка за соодветно прилагодување на законските одредби, истакна министерот Фазлиу.

Со донесувањето на измените на ЗААМУ на општините и другите јавни и државни институции им се забранува да издвојуваат средства за електронските медиуми. Поради тоа, локалните и регионалните телевизиски и радио дифузери со намален интензитет или воопшто не ги објавуваат огласите и известувањата од локалните самоуправи и другите органи што се под нивна надлежност, затоа што работат на комерцијална основа, а за услугата не добиваат надоместок.