Во Битола промовирани активностите на „Земи здив” – ММС
ММС

Објавено на: 03/28/19 11:13 AM

Во Битола промовирани активностите на „Земи здив”

Здруженија на граѓани синоќа во Битола ги промовираа активностите на новоформираната граѓанска платформа „Земи здив” чија основна цел е воспоставување и одржување сензорска мрежа за континуирано следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во графот. Платформата воедно ќе генерира податоци и информации достапни за граѓаните.

Членовите на „Земи здив” го презентираа и првиот месечен извештај за квалитетот на воздухот врз основа на мерењата направени во февруари со активни мерни станици во мрежата на платформата во Битола.

-Следењето на параметрите на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола во овој момент се врши со седум сертифицирани мобилни мернистаници набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и се референтни уреди кои ги поседуваат сите сертификати за квалитет. Сензорите мератконцентрации на ПМ-честици, температура на воздухот, воздушен притисок и влажност на воздухот. Податоците се прикажуваат во реално време, а вредностите се ажурираат на секои три минути. Нашата заложба е инсталирање на дополнителни 13 сензори кои со постоечките седум ќе генерираат точни интерполирани мерења и податоци за секој дел од Битола, беше посочено на синоќешниот информативен настан што се одржа во НУ Центар за култура-Битола.

Податоците генерирани преку мрежата се од јавен карактер и ќе им бидат достапни и на јавните власти кои располагаат со овластувањата да превземат соодветни мерки.

–Екстремно високи вредности кои беа над 150 микрограми на кубен метар регистриравме на 10, 11 и 12 февруари, а високо загадување имаше и кон крајот на месецот. Често и во т.н. чисти денови има загадување на воздухот кое достигнува до 40 микрограми на метар кубен, и скоро секогаш загадувањето на воздухот се зголемува и расте по 17 часот. Ние знаеме дека загадениот воздух е јавен проблем во Битола и за тоа веќе постои високо ниво на свест кај граѓаните, а  „Земи здив” ќе им помогне на граѓаните да преземат индивидуални мерки за заштита и намалување на изложеноста на аерозагадувањето и подигањето на индивидуалната еколошка свест која ќе води кон промена на дел од навиките, истакнаа граѓанските организации.