Во изминатите 12 години на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип студирале нешто повеќе од 30.000 студенти, а Универзитетот за тој период успешно се вклопи во македонскиот високообразовен систем, беше истакнато на денешната свечена академија по повод 12-годишнината од основањето на УГД.
На свеченоста присуствуваа и премиерот Зоран Заев, министри, академици и други гости, а се проговори и за состојбите во македонското високо образование, за предизвиците во изнаоѓањето адекватни начини на финансирање, квалитетот на студирањето што треба да се унапредува, поврзаноста со средното образование, од каде што доаѓаат студентите, со стопанството.
Според податоците што ги презентираше ректорот на УГД, Блажо Боев, во нашата земја во моментот студираат 57.000 студенти, од кои 90 отсто се на државните, а десет на приватните универзитети. Од нив околу 48.000 плаќаат партиципација од по 200, а останатите по 400 евра. Во Македонија на еден милион жители има 28.000 студенти, а во земјите од ЕУ тој просек е 50.000. Кај нас просекот е еден професор на 20 студенти, а во ЕУ на 12.
– Секоја година на високообразовните установи во нашата земја се запишуваат по околу 15.000 студенти. А студентите ни’ се токму такви какво што ни’ е високото образование – истакна Боев.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека со динамичните промени во земјата и во светот воопшто, она што е константно е автонономниот статус на универзитетите и нивната слобода на истражување како клучни принципи, кои, како што рече, мора да се почитуваат.
– Треба да бидеме горди што Универзитетот го носи името на Гоце Делчев и што и Ректоратот е сместен во училиштето во кое што некогаш учителствувал токму Гоце Делчв, апостолот на нашето национално движење – рече Заев.
На крајот на свеченоста, на студентите со највисок просек на сите факултети на УГД им беа доделени признанија.


