„Пајакот“ во Кавадарци започна да крева непрописно паркирани возила – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/19 1:32 PM

„Пајакот“ во Кавадарци започна да крева непрописно паркирани возила

Шест возила на првиот работен ден собра „пајак“ службата во Кавадарци. Стартуваше со работа вчера. Првото непрописно паркирано возило беше на жител од соседно Неготино. Од ЈП Паркинзи велат дека тоа било чиста случајност и дека без селекција ќе се отстрануваат сите возила кои се паркирани на зелени површини,  на паркинг места за инвалидизирани лица и на други јавни површини кои не се за паркирање.

Кавадарчани очекуваат конечно да се стави крај на непрописното паркирање пред се на тротоарите, со што се ограничува и отежнува движењето на пешаците.

„Започнавме со работа вчера. На првиот ден отстранивме шест возила кои беа непрописно паркирани. И во наредниот период ќе продолжиме да работиме во насока на средување на хаосот кој владее со паркирањето. Исто така покрај непрописно паркирани возила, отстрануваме и хаварисани возила кои се оставени долг период на јавни површини“ вели директорот на ЈП „Паркинзи“, Сашко Богев.

1500 денари ќе платат несовесните возачи чие возило е отстрането со „пајакот“ и однесено во депото, а само илјада денари доколку возилото не биде транспортирано и возачот се појави веднаш, информираат од надлежната служба.

Кавадарци со години има проблем со паркирањето. Во таа насока е отпочнувањето со работа и на „пајак службата“. За почеток ќе се подига свеста на возачите  дека возилата се паркираат на соодветно означено место, а во меѓувреме локалната самопураваработи на воведување зонско паркирање.

Ангел Данов