Анкета за перцепциите на граѓаните за процесот на ПВР за 2018 година: Законите не треба да се носат по скратена постапка – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/19 1:20 PM

Анкета за перцепциите на граѓаните за процесот на ПВР за 2018 година: Законите не треба да се носат по скратена постапка

Државните институции потребно е да спроведат информативна кампања за вработените во државната администрација за процесот, придобивките и последиците од примената на проценката на влијание од регулативата, министерствата што најчесто се јавуваат како иницијатори на закони и законски измени потребно е да ја вклучат јавноста во подготовката на новата легислатива уште во фазата на планирање на нејзиното донесување, Владата и парламентарното мнозинство потребно е значително да ја намалат праксата на усвојувањето на законите и законските измени во скратена постапка. Ова се дел од заклучоците од анкетата за перцепциите на граѓаните за процесот на проценка на влијание на регулатива (ПВР) во 2018 година, спроведена од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” –Скопје (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Од анкетата, заклучено е дека владините институции потребно е да почнат да ги објавуваат нацрт-предлозите за закони или законски измени, како и записниците од консултативните средби со засегнатите страни на своите веб-страници, да се зголеми промовирањето во јавноста на начините за вклучување на јавноста во донесување на законските решенија, односно промовирање на електронските платформи ЕНЕР и Е-демократија и достапните начини што овозможуваат граѓаните да ги коментираат предложените промени на легислативата, како и дека е значјно образовните институции да обрнат внимание на запознавање на студентите и учениците со тој основен процес на создавање на политики и легислатива во текот на образовниот процес.

– Споредбено со 2017 година, во 2018 година се забележува тренд на поголема запознаеност кај вработените во јавните институции, во кои спаѓаат и министерствата и државните служби, за процесот на проценка на влијание на регулативата. Наодите од истражувањето укажуваат дека дополнително е засилена перцепцијата дека при изработка на законите не се користат истражувања и анализи и дека консултациите со засегнатите страни се реткост, наведе Јане Димески од ИДСЦС.

Посочи дека е засилена перцепцијата дека законите не треба да се усвојуваат во скратена постапка како и дека граѓаните и граѓанските организации секогаш треба да имаат можност да ги коментираат предлог-законите.

– Доброто спроведување на ПВР ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси, истакна Димески.

Рече дека, според анкетата, најголем дел од граѓаните во 2018 година сметаат дека при проценка на влијание на регулативата треба да се испитаат првенствено економските влијанија, а на второ место се социјалните влијанија.

– Повеќе од половината анкетирани (60 отсто) сметаат дека Владата и Собранието не прават проценка на трошоците од воведување на некое ново законско решение, покажуваат наодите од истражувањето.

Испитувањето покажува дека, ако се анализира според типот на работен однос на анкетираните граѓани, најголема разлика во споредба со 2017 година има кај вработените во јавните институции. Кај нив има најголем раст на процентот на запознаени со ПВР односно од 16 отсто на 23 проценти.

– Toa e особено значајно ако се има предвид дека државната администрација е главен носител и спроведувач на процесите за ПВР, потенцираше Димески.

Од истражувањето е констатирано дека, во 2018 година дополнително е зголемена перцепцијата на граѓаните дека нови закони или законски измени треба да се носат со регуларна постапка, односно не ја оправдуваат праксата на носење на легислатива по скратена постапка.

Испитувањето е спроведено преку теренска анкета на репрезентативен национален примерок од 1.018 испитаници во декември 2018 во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази”, финансиски поддржан од Делегацијата на Европска Унија.