Куманово ќе испраќа ученици и студенти на доедукација во Британија  – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/19 1:08 PM

Куманово ќе испраќа ученици и студенти на доедукација во Британија 

Кумановските ученици и студенти наскоро ќе имаат можност за дополнителна обука и едукација во Велика Британија, а деталите за ваквата соработка денеска беа договарани на средбата помеѓу градоначалникот Максим Димитриевски и британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Можноста за изнаоѓање потенцијални британски инвеститори во развојната зона Новине и Речица исто така била тема на денешната средба, информираше градоначалникот Димитриевски.

– Разговаравме на различни теми една од темите беше можна соработка помеѓу амбасадата и општината, со цел да работиме на полето на размена на студенти и испраќање на наши ученици на дополнителна обука и дополнителна едукација во Велика Британија. Воедно отворивме прашања од темата на соживот, меѓуетничката толеранција која е позитивен пример, и во Куманово и за самата држава. Можноста за наоѓање на потенцијални инвеститори од Велика Британија особено дадовме можности да се размислува на темата за развој на индустриската зона Новине и Речици и секако да се работи на полето на културата и на спортот и сите можности кои нашата соработка ги дава, изјави Димитриевски.

Како што рече амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј, прв пат е во работна посета на Куманово и има за цел да ги посети и останатите градови во државата.

– Ова е моја прва посета на Куманово и се надевам ќе биде една од многуте посети кои ќе ги имам овде, ние како амбасада се трудиме да излеземе надвор од Скопје, да посетиме и други места низ државата со цел да запознаеме кои се потребите и можностите за соработка низ целата држава, како што и веќе спомнавме има можност за соработка во образованието, спортот како и во однос на нашата заедничка историја која во изминатите 100 години била повеќе околу соработка помеѓу нашите две држави, изјави амбасадорката Галовеј.

Инаку, токму со помош на амбасадата на Велика Британија, во селото Пелинце е поставена и споменл плоча на една од британските мисии од Втората светска војна, што градоначалникот Димитриевски го посочи како позитивен пример на сојузништвото од тој период кое треба да продолжи и да се надоградува.

Никола Ивановски