Богоевски не сведочеше за „Маџар телеком”, одбраната бара да биде повикан Бучковски – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/19 11:33 AM

Богоевски не сведочеше за „Маџар телеком”, одбраната бара да биде повикан Бучковски

Ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој денеска требаше да сведочи за случаjот „Маџар телеком”, не дојде на рочиштето во Кривичниот суд. Тој го известил судот дека е спречен да присуствува на денешното рочиште поради обврски во работна група во Владата.

Неговото сведочење ќе биде дополнително закажано, а денеска бранителот на Атила Сендреи побара да биде сослушан поранешниот премиер Владо Бучковски во чие време е потпишан Протоколот меѓу Владата и Македонски телеком.

– Се наметна неопходна потреба бидејќи е распрашан поранешниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази. Обвинителството му поставуваше прашања на поранешниот директор на Одборот на директори Дејан Мицковиќ, а Владо БУчковски како поранешен премиер е потписник на Протколот и заради утврдување на целосната вистина потребно е неговото сведочење, изјави адвокатот Ненад Јанакиевиќ,  додавајќи дека во интерес на сите е Бучковски да сведочи пред судот и да ја каже вистината за овој настан.

За ваквото барање на одбраната, специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова ќе се изјасни на следното рочиште.

На почетокот на денешното рочиште по барање на одбраната, кратко беше сослушан Манче Трендафилов, раководител за продажба за деловни корисници во Македонски телеком.

Следните рочишта за предметот „Македонски телеком” што го води Специјалното јавно обвинителство се закажани за 24 април и 8 мај.

Судењето за „Маџар телеком” почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. За злоупотреба на службената положба се обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Тие се осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид” и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком” и Буџетот на Македонија.