Меѓаши ќе го промовира прирачникот „Позитивно родителство” – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/19 10:42 AM

Меѓаши ќе го промовира прирачникот „Позитивно родителство”

Првата детска амбасада во светот Меѓаши денеска ќе го промовира прирачникот „Позитивно родителство” чија цел е да се зголеми свесноста за важноста на одговорното родителство во насока на најдобриот интерес на децата. Прирачникот е достапен на македонски, албански и ромски јазик.

Овој прирачник е краток, концизен и содржи практични примери кои ќе им бидат од помош и поддршка на родителите. Напишан e од Ана Фрицханд и Софија Георгиевска професорки при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”- Скопје.

Во прирачникот се даваат одговори на прашањето што значи позитивното родителство. Притоа се  посочува дека тоа значи оти треба да се поминува квалитетно време со детето, заедно со него да се постават правила и граници, да се создаде рутина во однесувањето на детето, за полесно стекнување навики.

-Имајте на ум дека она што го правите е поважно од она што го кажувате – бидете добар пример за вашето дете. Затоа, вашиот пристап за родителство ќе биде модел за тоа како вашето дете треба да постапува со другите, сега и во иднина, вклучувајќи Ве и вас, се посочува во Прирачникот.

Издавач и уредник на истиот е Првата детска амбасада во светот Меѓаши.